Економија, финансии, бизнис

Контакт

И норвешката економија во криза

И норвешката економија во криза
Норвешката економија почна да забавува. Најголемата норвешка банка, ДНБ АСА, наведува дека оваа земја ќе биде единствената од 15-те европски земји, кои ги анализирала, во која економскиот раст нема да забрза во идната година, наведува агенцијата „Блумберг“. Најголемата причина за застојот на економскиот раст се потрошувачите, кои се двоумат дали да трошат поради се поголемите долгови на домаќинствата. Норвешка, која беше сигурно прибежиште за време на должничките проблеми во Европа, не успева да го одржи чекорот со заздравувањето на другите развиени пазари. Оваа економија, чија вредност се проценува на 480 милијарди евра, се зголеми за само 0,2 проценти во вториот квартал, што е помалку од една третина на темпото што го очекувале економистите-учесници во анкетата на „Блумберг“. „Растот во 2013 година би можел да потфрли во однос на очекувањата. Се уште е рано да се изнесуваат проценки“ - изјави вчера министерот за финансии на Норвешка, Сигбјорн Јонсен. ДНБ проценува дека економскиот раст во оваа година ќе забави на 2 од 3,4 проценти во 2012-та, а темпото на растот нема да забрза до 2016-та година, кога би требало да достигне 2,1 проценти. „Бавниот економски раст ќе доведе до зголемување на невработеноста и бавен раст на платите, додека цените на недвижнините веќе се во пад“ - наведуваат економистите од ДНБ, кои прогнозираат дека поголем пад на цената на недвижнините ќе биде избегнат поради стагнацијата на изградбата.
Слично

Поврзани вести