И ФОРМЛНО ЗАВРШИ ЕРАТА НА МЕРКЕЛ - Олаф Шолц од денеска нов канцелар на Германија
Германскиот парламент го избра Олаф Шолц за наследник на Меркел како канцелар на Германија.
Лидерот на Социјалдемократската партија Шолц ќе ја предводи владата во коалиција со Зелените и Слободните демократи.
На свеченото полагање заклетва во Бундестагот, претходеше протоколарниот чин во дворецот Белви, на кој германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер му ја врачи повелбата за именување на новиот канцелар Олаф Шолц. Германскиот Бундестаг претходно утрото со тајно изјаснување го потврди изборот на социјалдемократскиот политичар Олаф Шолц за нов германски канцелар. За него гласале 395 пратеници од вкупно 736, против се изјасниле 303 пратеници, шест биле воздржани, а три гласови се неважечки. Пратеничката група на новата владина коалиција од СПД, Зелените и ФДП располага со 416 мандати во парламентот, но повеќе од нив денеска отсуствуваа поради болест.
Денеска попладне ќе биде извршено примопредавање на канцеларката функција, кога Ангела Меркел по 16 години клучевите од канцеларскиот кабинет ќе му ги предаде на својот досегашен заменик Шолц, кој во нејзината влада беше министер за финансии, а примопредавање се врши и во министерствата.
Германија ќе добие нова влада пред Божик.
Олаф Шолц ќе биде четврти канцелар од СПД, по Вили Брант, Хелмут Шмит и Герхард Шредер. ЦДУ досега ги имаше како канцелари Конрад Аденауер, Лудвиг Ерхард, Курт Георг Кисингер и Хелмут Кол, а во изминатите 16 години – Ангела Меркел.
Фото: ЕПА