И 2021 ќе биде тешка година: СЗО предупредува дека вакцинацијата не е брзо решение, мерките мора уште да важат
Светската
здравствена организација предупредува дека и 2021 ќе биде тешка година, зошто со
вакцинацијата корона вирусот нема брзо да биде сузбиен. Според Марија ван
Керкове мерките кои се на сила во државите мора и понатаму да важат.
Во изјава за Си-Ен-Ен таа вели дека пред нас е уште една тешка година која бара трпеливост и во која мора да продолжат актуелните превентивни мерки против Ковид-19. Посочува дека вакцините нема да бидат брзо решение бидејќи самата имунизација ќе се изведува побавно отколку што би сакале и дека луѓето сепак ќе мора да носат маски, да одржуваат физичка дистанца и да избегнуваат собири во текот на целата година.
-Се соочуваме со тежок почеток во 2021 година. Движењето и однесувањето на луѓето за време на Божик и Нова година ќе влијаат на првите три месеци од 2021 година за зголемување на преносот, хоспитализациите и на смртните случаи, изјави Керкове.
СЗО верува дека САД и другите земји во кои се бележи нов бран на Ковид-19 може да се вратат во нормала или нешто слично во текот на летото или есента.
Австралија, Нов Зеланд и некои други земји во Азија и Африка се добри примери и имаат поголем успех во контролирањето на ширењето на вирусот.
