„Hypo Alpe Adria“ со рекордна загуба од 859,8 милиони евра во првото полугодие
Во првите шест месеци од 2013 година австриската банка „Hypo Alpe Adria“ работела со нето загуба од 859,8 милиони евра, поради што ќе им биде потребна нова инекција од државниот буџет.
Национализираната банка во јули предупреди дека очекува загуба за првата половина на годината и дека ќе и биде потребен дополнителен капитал за да се задоволи пропишаниот минимум потребен капитал.
Поради тоа, на крајот на минатиот месец, донесена е одлука за докапитализација во висина од 700 милиони евра.
„На состанокот на акционерите одржан на 23 јули, донесена е одлука за докапитализација во износ од 700 милиони евра, а ќе биде спроведена во дело штом Европската комисија донесе позитивна одлука во врска со постапката за државна помош, што би требало да се случи оваа есен“, се наведува во соопштението на банката.
Во првите шест месеци од минатата година, банката работеше со нето профит од 3,4 милиони евра.
Брисел бара од „Hypo Alpe Adria“ до крајот на годината да ги продаде подружниците во Југоисточна Европа, а банката побара тоа да го стори до средината на 2015 година поради неповолните пазарни можности.
