Економија, финансии, бизнис

Контакт

Хорор во вилата на Михаел Шумахер: Медицинската сестра што се грижела за него била силувана двапати

Хорор во вилата на Михаел Шумахер: Медицинската сестра што се грижела за него била силувана двапати

Автомобилскиот возач Михаел Шумахер се најде во центарот на нова медиумска приказна откако во Швајцарија започна судење против австралискиот тркач Џои Маусон, кој е обвинет за силување на медицинска сестра што била дел од тимот кој се грижел за легендарниот шампион во Формула 1.

Како што пренесуваатсветските медиуми, според обвинението, инцидентот се случил во 2019 година во вила на семејството Шумахер во швајцарскиот град Гланд, во близина на Женева.

На судењето во Нион, медицинската сестра изјавила дека се разбудила во спална соба и забележала крвави траги на чаршафите, но не можела да се сети на настаните од претходната вечер. Таа дознала од колешка дека била однесена во собата бидејќи била во тешка алкохолизирана состојба.

Обвинителството тврди дека Џои Маусон потоа влегол во собата и двапати ја силувал жената. Возачот ги негира сите обвиненија.

Во својата одбрана, Маусон изјавил дека сексуалниот однос бил доброволен и дека и двајцата биле под дејство на алкохол.

„Не сфатив колку сум бил пијан сè до следното утро. Верував дека таа е помалку пијана отколку што подоцна се покажа. Беше будна, комуникативна и флертуваше со мене“, изјавил тој пред судот.

Судот слушнал и дека по инцидентот испратил пораки до жената во кои ѝ се извинил.

„Навистина ми е жал од дното на срцето. Жал ми е за болката што ти ја предизвикувам“, наводно напишал тој.

На прашањето зошто се извинил ако не сторил ништо погрешно, Маусон одговорил дека тоа го направил како „џентлменски потег“, но повторно нагласил дека е невин.

Во судските документи се наведува дека при медицинскиот преглед кај жената биле утврдени повреди кои можат да бидат во согласност со присилно задржување.

Михаел Шумахер, седумкратниот светски шампион во Формула 1, претрпе тешка повреда на мозокот по скијачка несреќа во 2013 година и оттогаш е под постојана медицинска грижа.

Според медиумските извештаи, Џои Маусон е близок пријател на Мик Шумахер, синот на Михаел Шумахер и поранешен возач во Формула 1. Ниту еден член од семејството Шумахер не е обвинет или вмешан во случајот.

Судењето продолжува, а конечната одлука на судот сè уште не е донесена. Според принципот на пресумпција на невиност, обвинетиот се смета за невин сè додека неговата вина не биде докажана со правосилна судска пресуда.

РЖМ / Б. С. Б.


Слично

Поврзани вести