Ходорковски: Кремљ се обиде да го убеди целиот свет дека Путин излезе посилен од бунтот на Вагнер, но не е така
Рускиот бизнисмен и опозиционер Михаил Ходорковски во интервју за францускиот весник „Фигаро“ вели дека за неколку години ќе има промена на власта во Русија.
Според него, промената на власта во Русија ќе се случи во рок од 5 години, а инвазијата на Украина ќе придонесе за пад на режимот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Кремљ се обиде да го убеди целиот свет дека Путин излезе посилен од бунтот на (платеничката) Вагнер група. Сепак, знаеме дека тоа не е така. Населението е далеку од активна поддршка на режимот. Понекогаш ги примаше луѓето на Вагнер многу позитивно при нивниот обид да напредуваат кон Москва (…), а лојалноста на армијата беше далеку од идеална“, рече Ходорковски, кој живее во егзил во Велика Британија.
Според него, Путин е решен да оди до крај и своите политички тешкотии секогаш ќе ги решава со војни.
„Тој не може да го промени својот метод. Проблемот е што во западните земји веќе нема политички лидери, туку само политички претставници. Во воената ситуација која денес ја доживува Европа, потребен е лидер кој ќе може да му објасни на својот народ дека мора радикално да го промени својот менталитет. Таква структура имаа Винстон Черчил, Хелмут Кол и Вили Брант“, вели поранешниот шеф на нафтената компанија „Јукос“.
Ходорковски додава дека е загрижен поради русофобијата, која, како што кажа, освен во во САД, ја забележал во Европа.
