Хилари Клинтон под силен оган од објавените документи на Викиликс
Викиликс и натаму е активен со објава на мејл пораки од комуникацијата на Хилари Клинтон во периодот кога била Државен секретар на САД, откривајќи „сочни“ детали за различни спорни договори, како и од нејзиното допшишување со советникот во предизборната кампања Џон Подеста.
Во нив се откриени детали за говорите кои политичарката ги држела пред банкарите од Вол Стрит за кои тие плаќале стотици илјади долари, наводно како за говорник кој е експерт за економија, но всушност на тој начин ја придобивале нејзината политичка поддршка.
Клинтон во еден говор кажува дека банкарите се најквалификувани да помогнат во реформата на американскиот финансиски сектор.
Еден од говорите кои Клинтон ги одржала бил на настан спонзориран од банката Голдман Сакс во октомври 2013 кога кажала дека за финансиските реформи треба да се консултира Вол стрит.
„Луѓето кои најдобро ја знаат индустријата се луѓето кои работат во неа“, кажала Клинтон.
Во друг говор од 2013 пред банкари од Бразил кажала дека „сонува за заеднички отворен пазар на западната хемисфера“. Таа исто така кажала дека ги поддржува „слободната трговија и отворените граници“.
Мејловите се дел од стотина пораки, кои Викиликс ги објави од хакираниот компјутер на шефот на избориот штаб на Клинтон, Џон Подестa.
„Не сум среќен што Русите ме хакирале за да му помогнат на Доналд Трамп“, напиша Подеста на Твитер. „Немам време да утврдувам кои документи се вистинити, а кои лажни“, изјави Подеста.
Во текот на кампањата противкандидатот Берни Сендерс бараше Клинтон да ги објави содржините на говорите кои вределе по 700 илјади долари, но таа го одбиваше тоа.
