Хаос во САД: Демонстрантите излегоа на улица поради фатално претепување на Афроамериканец
Демонстрантите излегоа на улиците низ Соединетите Американски Држави (САД) откако полицијата објави видео од фаталното претепување и апсење на Афроамериканецот Тир Николс во Тенеси.
Стотици демонстранти го затворија меѓудржавен мост 55 во Мемфис каде што се случи апсењето, додека демонстрантите бараа правда за 29-годишниот Афроамериканец кој почина на 10 јануари, три дена по апсењето.
Демонстрантите се собраа во паркот Вашингтон Сквер и маршираа до Тајмс Сквер во Њујорк.

Тие носеа транспаренти на кои пишуваше: „Крај на полицискиот терор“ и извикуваа „Нема правда, нема мир“.
Во Вашингтон, група демонстранти се собраа на плоштадот Лафајет пред Белата куќа, барајќи прекин на „полицискиот терор“.
Американскиот претседател Џо Бајден апелираше луѓето да протестираат мирно, повикувајќи ги „да не прибегнуваат кон насилство или уништување“.
На видеото се гледаат пет сега веќе поранешни полицајци од полициската управа во Мемфис како го запираат Николс. Полицајците го фрлаат на земја, се обидуваат да му врзат лисици пред да побегне. Подоцна бил фатен и претепан.
Се слуша како Николс вика „Мамо“ додека полицајците го удираат со тупаници и клоци по лицето, користат бибер спреј и палка.
Фото: Принтскрин/Твитер