ХАМАС САКА НЕЗАВИСНА ДРЖАВА СО ГЛАВЕН ГРАД ЕРУСАЛИМ: По војната не сакаат никој да им се меша во Газа
Палестинците не сакаат некој друг да им го уредува животот во Појасот Газа. Oд палестинската терористичка група Хамас им одговорија на САД дека само Палестинците имаат право да ја уредуваат Газа.
„Коментарите на САД за разговорите за тоа кој ќе владее со Газа по војната се „непристојни и неприфатливи бидејќи слободниот палестински народ не може да прифати каква било форма на старателство“, се вели во соопштението на Хамас кое го пренесе „Ал Џезира“.
Во вторникот државниот секретар Ентони Блинкен изјави дека САД и другите земји размислуваат за „различни можни пермутации“ за иднината на Појасот Газа доколку Хамас, кој управува со Појасот Газа, биде отстранет од власт.
Од Хамас велат дека со сила ќе се спротивстават на плановите за управување на Газа.„Само Палестинците имаат право да го уредуваат својот дом и никој нема право да ја одредува нивната судбина, иднина и интереси. Нашиот народ ќе ја продолжи својата борба додека не ги врати своите неотуѓиви права и не ја основа својата независна палестинска држава со Ерусалим како главен град“, наведе Хамас.
Израел претходно соопшти дека по војната Газа ќе биде оставена сама на себе. Појасот Газа претходно добивал и странски донации за подобри услови за живот. Хамас на 7 октомври почна со напади на Израел. Воените дејствија во Газа траат. Израел сака да ја уништи терористичката група.
