ХАМАС ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА: Секој што мисли дека ќе бидеме уништени е во заблуда, ќе бидеме победници во војната со Израел
Oд групата Хамас се обратија до јавноста и велат дека на 7-ми октомври победиле и така ќе остане.
Во име на палестинската група Хамас зборуваше портпаролот, Осама Хамдан, објави Скај Њуз.
Тој прво се осврна на неодамнешните тврдења на портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, кој кажа дека Хамас складирале оружје под болницата Шеик Хамад. Го негираше ова и рече дека Хамас не ги користел дупките за кои Израел тврди дека се влезови во подземен тунел.
„Илјадници наши борци се движат без тие да знаат“, изјави Хамдан.
Портпаролот на Хамас ги повика ОН да ги набљудуваат болниците во Газа за да ги видат израелските воени злосторства. Хамдан рече дека Израел намерно гаѓал цивили во Газа, додавајќи дека во тој процес уништиле околу 250.000 домови.
„Окупаторската армија цели жени и деца на отворено, на улиците“, вели тој.
Додаде дека Израелците им делеле летоци на цивилите во Газа во кои ги повикуваат да се евакуираат за да ги натераат да ги напуштат своите домови и да станат полесни мети.
Портпаролот на Хамас Осама Хамдан потоа ја коментираше пошироката, меѓународна слика.
„Ги предупредуваме сите страни, ако сакаат да му направат нешто на нашиот народ, нашиот голем палестински народ тоа нема да го прифати“, рече тој.
Според него, САД имаат валкани планови“. Кажа дека народот на Газа нема да молчи доколку Вашингтон продолжи со партнерството со окупаторите, мислејќи на Израел.
„Сакаме независна држава со Ерусалим како главен град. Секој што мисли дека Хамас ќе биде уништен е во заблуда. Хамас ќе биде победник во војната со Израел“, додаде портпаролот на милитантната група.
Вели дека непријателот ќе трпи големи загуби. Хамас на 7-ми октомври почна со напади на Израел.
Советот за безбедност на ОН утре ќе одржи уште една итна седница посветена на ситуацијата во Појасот Газа. Се смета дека над 10.000 Палестинци загинале во Газа.
