ХАЛУЦИНАЦИИ, МУСКУЛНИ ГРЧЕВИ, ГУБЕЊЕ НА МЕМОРИЈАТА: Канадски лекари се обидуваат да ја откријат причината за оваа мистериозната болест
Лекарите во
Канада се повеќе се среќаваат со пациенти кои покажуваат симптоми слични на
болеста Кројцфелд-Јакоб („кравјо лудило“), ретка и фатална состојба што го напаѓа
мозокот. Меѓутоа, кога лекарите повнимателно ги проучувале случаите кои
вклучуваат губење на меморијата, халуцинации и мускулна атрофија, тие биле
збунети.
Повеќе од една година, лекарите ја следат групата од 43 пациенти, за кои постои сомневање дека страдаат од невролошко заболување без позната причина, пишува Би-Би-Си.
Еден од пациентите е и 60-годишниот Роџер Елис кој пред две години ги имал првите епилептични напади, иако дотогаш бил целосно здрав. Неговиот син, Стив Елис, вели дека по тој кобен ден, здравјето на татко му одеднаш се влошило.
-Имаше халуцинации, изгуби тежина, беше агресивен. Во еден момент не можеше ниту да оди. Три месеци по првите напади дојдовме во болницата каде ни рекоа дека веруваат дека умира, но никој не знаеше, зошто, вели Стив.
Лекарите се посомневале во болеста Кројцфелд-Јакоб (ЦЈД), ретко и фатално дегенеративно пореметување на мозокот кога пациентите доживуваат симптоми како што се губење на меморијата, промени во однесувањето и потешкотии во координацијата. Една од попознатите категории е Variant CJD, која е поврзана со јадење контаминирано месо заразено со т.н болест „кравјо лудило“. ЦЈД исто така спаѓа во поширокта категорија на нарушувања на мозокот како Алцхајмерова и Паркинсонова болест и АЛС, кога протеините во нервниот систем се неправилно поврзани. Сепак, тестот за оваа болест кај Роџер Елис бил негативен, како и другите тестови спроведени од лекарите во обид да се утврди причината за болеста.
Во март годинава, семејството добило делумна дијагноза. И во Националниот радиодифузен сервис-Радио Канада, стигнала копија од писмо испратено до провинциските лекари со предупредување за група пациенти кои покажуваат симптоми на непозната дегенеративна болест на мозокот. Се верува дека Роџер Елис е еден од тие пациенти и сега е под надзор на д-р Алиер Мареро кој вели дека за прв пат се сретнале со збунувачката болест во 2015 година. Но, оттогаш се појавиле и повеќе пациенти, што е доволно за лекарите да ја идентификуваат нивната состојба како синдром „што не е забележан досега“.
Во моментов, регистрирани се 48 пациенти, мажи и жени на возраст од 18 до 85 години, а се верува дека шест лица починале од оваа болест. Д-р Мареро вели дека симптомите се различни и варираат меѓу пациентите. Може да се појават првични промени во однесувањето, како што се вознемиреност, депресија и раздразливост, заедно со необјаснета болка, болки во мускулите и грчеви кај претходно здрави лица.
Пациентите често имаат потешкотии со спиењето и проблеми со меморијата. Може да се појават говорни нарушувања што ја отежнуваат комуникацијата, како пелтечење или повторување зборови.
-Следниот симптом е брзо губење на тежината и мускулна атрофија, како и нарушувања на видот и проблеми со координацијата, како и несвесни мускулни грчеви. Невролозите сега ја испитуваат мистериозната болест во обид да пронајдат некаква врска помеѓу пациентот, природната средина, начинот на живот, патувања, храна и извори на вода ... Засега се верува дека болеста е стекната, односно дека не е генетска и дека е многу веројатно последица на некој отров што предизвикува дегенеративни промени кај пациентите, вели Мареро.
