Грушко: Југославија, Либија, а сега и Авганистан, дали можеше да се очекува нешто друго?
„Југославија, Либија, а сега и Авганистан. Дали можеше да се очекува нешто друго? Залудно се потрошија трилиони“, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко за „Спутник“.
Тој потсети дека во НАТО, 20 години, зборувале за тврдината на „трансатлантската хармонија и земајќи го предвид мислењето на секоја членка на алијансата: заедно дојдовме, заедно ќе заминеме“. Тој изјави дека Русија претходно му предложила на НАТО да направи алгоритам на дејствија на тема Авганистан во случај на евакуација во кризни ситуации, меѓутоа алијансата не била заинтересирана. Состојбата во Авганистан се влоши во последните недели откако почна офанзивата на Талибанците.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги предупреди Талибанците дека не можат да дозволат Авганистан уште еднаш да стане почва за тероризам, откако милитантите ја презедоа власта во земјата.
Тој истакна и дека иако НАТО ги повлече своите сили од Авганистан, Алијансата ќе остане на штрек за тоа дали терористичките групи се прегрупираат таму и дали би можеле да нападнат од далечина.
