ГРУПАТА ВАГНЕР БИ МОЖЕЛА ДА ГО СНАБДУВА ХЕЗБОЛАХ ВО ЛИБАН СО РУСКИ СИСТЕМ ЗА ВОЗДУШНА ОДБРАНА: Еве што друго велат од САД
САД располагаат со разузнавачки информации дека руската паравоена група „Вагнер“ можеби го снабдува либанскиот Хезболах со напреден систем за противвоздушна одбрана, тврди Wall Street Journal.
Американската разузнавачка служба ги следи разговорите меѓу Вагнер и Хезболах и верува дека самоодниот руски систем СА-22 (Панцир-С1), кој работи од камион, може да биде испратен во Либан.
Американскиот весник ова го објави во моментот на ескалација на конфликтот долж либанско-израелската граница.
И членовите на Вагнер и борците на Хезболах се во Сирија.
Проиранскиот шиитски Хезболах тврди дека денеска нападнал 19 израелски воени позиции, а истовремените напади биле извршени попладнево со ракети, минофрлачки проектили и друго оружје.
Израелската армија не ги објави последиците од тие напади, туку дека од воздух ги напаѓа позициите на Хезболах на југот на Либан во знак на одмазда.
Борбени авиони, тенкови и артилерија погодија воени штабови, локации за лансирање ракети, складишта за оружје, воени комплекси и друга инфраструктура на екстремистички организации, соопшти израелската војска и објави снимка од нападите.
ИД (Израелските одбранбени сили) соопштија дека го сметаат Хезболах за одговорен за сите напади врз Израел од Либан, бидејќи палестинскиот Хамас во таа земја ја презеде одговорноста за истрелувањето 12 ракети врз северниот израелски град Кирјат Шмона.
Во тој напад се ранети две лица.
