„Грешките“ на кредитните агенции
Оценките на американската кредитна агенција ги предизвикуваа на “мегдан“ дел од светските економии, не само во поново време. Пред две години се памети историското намалување на рејтингот на САД во 2011, кога прв пат Агенцијата Стандард енд Пурс (С&П) го намали кредитниот рејтинг на САД. од ААА, во АА+. Тоа предизвика силни реакции во САД, чии претставници го нарекоа извештајот „фундаментална грешка“.
С&П ја објасни одлуката со тоа дека планот за намалување на дефицитот, што Конгресот го усвои, не е доволен за стабилизирање на ситуацијата со задолженоста на САД. Агенцијата соопшти и дека одлуката го одразува нејзиното гледиште дека „заслабела ефективноста, стабилноста и предвидливоста на американската политика и политичките институции“, и тоа до степен поголем од оној што таа го предвидела, во услови на натамошни фискалнии економски предизвици.
Американскиот Оддел за финансии оцени дека потегот на С&П е „со недостатоци“, појаснувајќи дека агенцијата направила грешка од 2 трилиони долари во пресметувањето на дефицитот. С&П ја уважи грешката, но ја задржа одлуката.
САД ги тужи С&П
Релациите продолжи ја да се влошуваат. На почетокот од февруари Соединетите Американски Држави најавија судска постапка против кредитната агенција со образложение дека пред почетокот на финансиската криза во 2007 ма година дала преценет рејтинг на хипотекарните кредити.
Агенцијата ги отфрли обвиненијата дека направила грешка, истакнувајќи дека тужбата нема да има никаква вредност и е сосема неоснована, зашто никој не можел да го процени падот на пазарот на недвижнини.
„Стандард и Пурс“ тогаш оцени дека преседанот е потврда за сѐ поголемите настојувања на власта да го обвини американскиот финансиски сектор за кризата и за да ја оттргне вината од себе. Комисијата за истрага околу финансиската криза во својот извештај наведе дека инвеститорите се воделе според високите рејтинзи.
„Техничка“ грешка во Франција
На крајот од 2011 та година американската агенција призна “техничка“ грешка во однос на кредитниот рејтинг за Франција. Откако беше објавено дека оценката за Франција се намалува, “Стандард и Пурс“ соопшти дека случајно на некои од своите претплатници им пренеле порака со укажување дека го намалиле кредитниот рејтинг на Франција, иако тој останал на највисоко ниво. На “Стандард и пурс“ им требало повеќе од час и половина да ја признаат грешката. Францускиот министер за финансии тогаш побара од регулаторите на пазарот да ја испитаат грешката.
Можна тужба од Словенија
Можна тужба против бонитетната агенција Moody’s најави и Словенија откако во мај годинава, агенцијата драстично и го намали кредитниот рејтинг.
“Размислуваме за правна акција против Moody`sи на тоа сум лично наклонета. Неоправдано се вмешаа во постапката на издавање на словенечките државно обврзници, а такво нешто не би смеела да прави ниедна кредитна агенција”, изјави словенечката премиерка Аленка Братушек.
Агенцијата Moody`s на 1-ви мај го намали кредитниот рејтинг на Словенија од Ба1 на Баа2, сигнализирајќи им на потенцијалните инвеститори дека словенечкиот државен долг дошол во категоријата „ѓубре” поради проблемите во словенечкиот банкарски сектор и зголемувањето на веројатноста дека на Словенија ќе и биде потребна меѓународна финансиска помош, што премиерката Аленка Братушек упорно го негирше.
Ова се само неколку примери од бројните „грешки“ што ги прават Агенциите. Изгледа дека на извештаите на Агенциите, државите реагираат преемотивно. Всушност е јасно дека зад таквите реакции стои загриженост, како бизнис заедницата ќе ја набљудува Вашата земја, доколку најповиканите го намалиле рејтингот? Тоа е разбирливо ако се знае дека извештаите на овие агенции се своевиден патоказ за инвеститорите, каде да ги насочуваат своите инвестиции, и за банките, во поглед на висината на каматите за кредити што ги одобруваат на државите.
А.Д.
Слично
