Гренланд да биде сојузна држава на САД, ова го предлага републикански конгресмен
Републиканскиот конгресмен на САД, Ренди Фајн поднесе предлог-закон кој предвидува анексија на Гренланд и доделување статус на сојузна држава во рамки на Соединетите Американски Држави, се наведува во соопштението, пренесува РИА Новости.
Фајн денеска го претстави Законот за анексија и државност на Гренланд, кој, според него, има за цел да ги обезбеди стратешките интереси на националната безбедност на САД на Арктикот и да се спротивстави на растечките закани од Кина и Русија.
Во соопштението се наведува дека, со заострувањето на глобалната конкуренција на Арктикот, Соединетите Држави не можат да си дозволат да им остават простор на ривалските сили да стекнат влијание во еден од стратешки најважните региони во светот.
„Гренланд е витален елемент на нашата национална безбедност. Кој го контролира Гренланд, ги контролира клучните арктички поморски патишта и безбедносната архитектура што ги штити Соединетите Американски Држави. Америка не може да ја остави таа иднина во рацете на режими кои ги презираат нашите вредности и сакаат да ја поткопаат нашата безбедност“, изјави конгресменот Фајн.
Како што се наведува на официјалната веб-страница на неговата канцеларија, претседателот на САД Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио јасно укажале дека Арктикот брзо се појавува како главна арена на глобалното натпреварување меѓу големите сили. Се тврди дека Кина и Русија агресивно го шират своето присуство во регионот, додека, според Фајн, „години на слаба политика“ довеле до нарушување на стратешката позиција на Америка.
foto Wikipedia/Svickova
