Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грчки новинари уапсени по „шпионска“ акција во Њујорк

Грчки новинари уапсени по „шпионска“ акција во Њујорк

Двајца револтирани грчки новинари се решиле „шпионски“ да го следат министерот Никос Папас за време на престојот во Њујорк. Тој не огранизирал никаков брифинг за своите активности пред новинарите, па тие решиле маскирани со перики, очила и капа за сонце да го следат низ Њујорк, но биле премногу сомнителни, па полицијата ги уапсил.

 Дописниците на телевизиите „Алфа“ и „Стар“ посочиле дека го следат Папас за да дознаат на што троши пари грчката влада и зошто министерот е два дена во Њујорк без никаква агенда на средби.

Грчката информативна агенција АПЕ јави дека двајцата биле уапсени откако обезбедувањето на грчката делегација забележало дека маскирани лица ги следат и ги фотографираат, но и откако било откриено дека, наводно, во ресторан нарачале и на сметката фалсификувале потпис на член на кабинетот на Ципрас. При апсењето, наводно, тврделе дека се дел од грчката делегација за да не се соочат со проблеми. Полицијата ги ослободила, но се очекува дека ќе бидат обвинети за фалсификување потпис.

Двајцата новинари демантираа дека биле уапсени и тврдат дека полицијата само им ги проверила документите. Дописникот на телевизијата „Алфа“, Танос Димадис, објави фотографија на „Фејсбук“ со „новинарската маска“ и објасни дека се одлучил на овој несекојдневен чекор за да ги истражи активностите на министерот Папас, кој откажал брифинг за новинари и не обезбедил никакви информации за неговата агенда и за патувањето во странство цели два дена пред да пристигне грчкиот премиер.

– Во сабота наутро, Папас требаше да има брифинг за новинарите, но тој не се случи. Два дена министерот без ресор е во Менхетн, а ние, новинарите, немаме никаква информација. Сепак, информацијата за политичките новинари е сè, особено ако земете предвид дека владината делегација е во Њујорк со празна програма. За мене новинарството не е да ми се даде напишана вест или да ја препишам од некого – посочи Димадис на својот фејсбук-профил во одбрана на маскираното следење на Папас.

Министерот Папас остро го осуди инцидентот, коментирајќи дека и двајцата новинари, но и тие што ги натерале на тој чекор имаат огромна одговорност за оваа постапка, која, според него, е мизерна.

Извор: meta.mk


Слично

Поврзани вести