Гранатирано училиште во Газа, најмалку 16 загинати
Најмалку 43 Палестинци загинаа утрово во израелските напади врз Појасот Газа, меѓу кои и 16 жртви во гранатирано училиште основано од Обединетите нации, соопштија медицински претставници.
Во гранатирањето рано утрово загинале 16 лица во училиштето кое се користи и како засолниште за раселените, потврдил претставник на Обединетите нации.
Со ова, бројот на загинати Палестинци во израелската офанзива се искачи на 1.260. На израелска страна загинаа 53 војници и тројца цивили.
Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNWRA) соопшти дека повеќе од 200.000 Палестинци се засолниле во училиштата и зградите на Обединетите нации по повикот на израелската војска до цивилното население во Газа да ги напушти домовите заради воените операции.
Во едно од училиштата биле пронајдени ракети, но засега не е потврдено кој таму ги оставил. „Ја обвинуваме групата или групите кои доведуваат во опасност цивили, криејќи муниција во овие училишта. Тоа е уште едно флагрантно кршење на неповредливоста на нашите простории. Ги повикуваме завојуваните страни да го почитуваат имотот на ОН“, изјави портпаролот на Агенцијата Крис Ганес.
Во меѓувреме, египетските посредници, кои се обидуваат да придонесат за прекин на непријателствата, подготвуваат промени во својот мировен план. Вториот канал на израелската телевизија јавил дека има извесен напредок во настојувањата да се постигне договор.
Слично
