ГРАЃАНИТЕ ШПАНЦИ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ: Шпанија ќе преживее и без Каталонија
Шпанија ќе преживее без Каталонија сигурно, но , претпочитам да останат во Шпанија, вели 55 годишниот поет од Сарагоса, Пако Валиенте по повод најновите случувања околу референдумот кој во неделата се одржа во Каталонија со цел отцепување од Шпанија.
Валиенте за Фактор вели дека не му се допаѓаат насилните сцени меѓу народот и полицијата кои се случија деновиве. Но, според него, Каталонците имаат право да одлучуваат сами за себе и тоа на легален референдум.
„Јас особено би сакал да продолжат да бидат дел од Шпанија, но ќе ја почитувам нивната одлука. Не ми се допаѓа ништо од она што се случи завчера, полицијата ги тепаше луѓето поради желбата да гласаат. Не ме плаши отцепувањето, мислам дека каталонскиот народ треба да биде тој што решава, нема кој да одлучи за него“ – смета Валиенте.
38 годишниот Mариано Номо, агроном по професија од Гранада вели дека Каталонија не сака да помине низ економски тешкотии. За Каталонија објаснува дека работи многу, придонесува за земјата, и се издига над сите други региони.
„Тие се веќе уморни. Затоа што гледаат дека ќе биде сè полошо. Постои економска криза, низ целиот свет. Еколошка криза, поради загадувањето на животната средина. Духовна криза, за моралната декаденција на младите. Криза. И Каталонците се хранат со толку многу зло. Тие го припишуваат на Шпанија целото зло“ – додава Номо.
Палома Перес, лекар од Мадрид смета дека ако Каталонија се отцепи економски ќе има последици во следните години. Таа вели дека референдумот е штетен за самите Каталонци, а регионот се развил поради напорите на самата Шпанија и Европа.
„Тоа ќе им штети на каталонските компании, бидејќи тие ќе продаваат помалку. Мислам дека за неколку години кога ќе изгледаат многу полошо отколку сега, Каталонците ќе ја сфатат сериозната грешка. Референдумот е шега затоа што гласаа само поддржувачите на независноста, а оние кои не го сакаат тоа се воздржаа“ – вели таа.
Дел од оние граѓани кои ги прашавме за мислење, велат дека нив ги засега секојдневниот живот, а не општествено - политичкиот живот. Она што сега се случува додаваат е „свет на лудите“.Наредните денови се полни со неизвесност и непознати за односите меѓу Барселона и Мадрид.
Илјадници демонстранти вчера излегоа на улиците на Барселона и други градови во Каталонија на протести против полициското насилство.
На референдумот одржан во недела огромно мнозинство се изјасни за отцепување од Шпанија.
Сања Атанасовска
