Градоначалникот на Арад инвестира шест милиони евра во мансарда
Мансарда од шест милиони евра ќе се гради врз зградата на градоначалникот на романскиот град Арад, во западна Романија, соопшти денеска весникот „Романија либера“.
Ова е последната спорна инвестиција на градоначалникот Георге Фалка со државни средства, посочува весникот.
Градоначалникот Георге Фалка, кој е член на опозициската Демократско-либерална партија, веќе инвестираше над 1,5 милион евра во модернизација на ентериерот на зградата на општината. Исто така, беа купени клупи за 8.500 евра, како и корпи за ѓубре за 650 евра по парче, посочува весникот.
Сега зградата на општината Арад ќе треба да добие мансарда за шест милиони евра, што, според градоначалникот, ќе привлече туристи кои ќе можат да ја посетуваат и нејзината кула.
Според градежните експерти, сумата од 2.500 евра за квадратен метар за мансардата е превисока. Некои сметаат дека за оваа сума може да се изгради нова ултрамодерна зграда.
Зградата на општина Арад е историски споменик, изградена меѓу 1872-1875 година. Тоа е неокласична зграда со необарокни акценти во екстериерот и со еклектички барокни и рококо елементи во ентериерот, забележува весникот.
