Градоначалник на Гдањск почина откако беше избоден на добротворен концерт
Павел Адамович, 53 годишниот градоначалник на полскиот град Гдањск почина, откако синоќа беше избоден на добротворен концерт.
Популарниот политичар еден од најистакнатите експоненти на опозицијата и силен противник на конзервативната и суверенистичка влада на Јарослав Качински, веднаш по нападот е пренесен во болница во критичка состојба. Тој итно е опериран во интервенција која траела 5 часа. Сепак, градоначалникот им подлегна на повредите.
Напаѓачот, 27 годишен Стефан В. од Гдањск има криминално досие и минатиот месец излегол од затвор. По нападот синоќа тој пред публиката кажа дека поранешната политичка партија на Адамович е виновна што тој бил во затвор во 2014 година за серија насилни напади.
На бината повеќе пати го избол градоначалникот извикувајќи „Адамович е мртов“.
Адамович веќе долго време беше цел на омраза во екстремно десничарските кругови поради неговата енергична одбрана на правата на мигрантите и бегалците.
Тој беше на чело на Гдањск од 1998 година, а лани беше избран со 65 % од гласовите.
Многумина во Полска сметаат дека нападот е резултат на порастот на говорот на омраза. Сопругата на Адамович била во Велика Британија за време на нападот. Полската влада испрати авион во Лондон за да ја врати во Полска.
