Гончарук: Русија врши отворена агресија врз Украина!
Според податоците на украинското разузнавање, на територијата на Донбас престојуваат 600 оклопни возила и повеќе од 200 тенкови, не сметајќи ја другата техника. Нивниот број постојано се зголемува, изјави за Фактор украинскиот амбасадор во земјава Јуриј Гончарук.
Тој оценува дека согласност со „Планот Путин“ значи признавање на сецесијата на територијата на неговата земја.
„Да се рече дека тековната ситуација на истокот на Украина е сложена, значи дека ништо не е кажано. Ситуацијата е опасна, бидејќи широката примена на руските вооружени сили се заканува со префрлување на борбените дејствија надвор од границите на Донбас. Најпосле светот треба да разбере дека тоа не е внатрешен конфликт, туку конфликт меѓу Украина и Русија, кој порано се одвиваше во други форми. Милитантите се само инструмент на Москва. Кукларите (оние што ги влечат конците) седат во Кремљ. Но, за жал токму од нивниот здрав разум зависи прекинот на огнот. Присутност на такво нешто во моментов кај нив не се забележува, но затоа синдромот на безгрешност е присутен. Ако се согласиме со „планот на Путин“, значи го губиме Донбас. Но,тоа не значи дека Русија ќе запре, бидејќи нејзината цел е очигледна – да создаде простор за понатамошна офанзива. Чехословачка ја даде Судетската област, а по шест месеци германските војски влегоа во Прага”, вели Гончарук во интервју за Фактор, кое во целост ќе го објавиме утре.
Во интервјуто тој одговара и на прашањата дали Украина ќе стане членка НАТО и дали конфликтот со Русија ќе доведе до прераспределба на геостратегијата околу енергетската зависност на Европа од политиката на официјален Кремљ.
Слично
