ГОЛЕМАТА ГРЕШКА НА ЗЕЛЕНСКИ - како со еден избрзан потег и помогна на пропагандата на Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера направи огромна грешка во комуникацијата, што е многу нетипично за него. Имено, од почетокот на руската инвазија на Украина, Зеленски се покажа како одличен комуникатор. Неговото видео од Киев на почетокот на војната, кога Кремљ ширеше пропаганда дека Зеленски побегнал од главниот град на Украина, ќе влезе во учебниците за комуникација.
Но, вчера, откако беше објавено дека ракетата што паднала врз полско село недалеку од границата со Украина уби две лица, Зеленски направи голема грешка од која корист ќе имаат Русија и Владимир Путин.
„Руски проектили ја погодија Полска. Истрелаа проектили на територијата на НАТО. Ова е руски ракетен напад врз колективната безбедност. Ова е многу значајна ескалација. Мораме да дејствуваме“, рече Зеленски во синоќешното видео обраќање.
Во меѓувреме, се покажа дека, очигледно, проектилот што паднал врз село во Полска бил испукан од украинската противвоздушна одбрана обидувајќи се да собори руски ракети. Да потсетиме, Русите вчера извршија еден од најжестоките ракетни напади врз украинската цивилна енергетска инфраструктура, при што беа погодени и голем број станбени згради во Киев и други градови.
Зеленски со една изјава многу и помогна на руската пропаганда
Украинските власти предводени од Зеленски досега беа исклучително успешни во обликувањето на наративот за војната во Украина. Вчера, пред да се знае точно што се случило во Полска, Зеленски можеше да каже дека руските ракетни напади се исклучително тешки за задржување и со тоа да ја префрли вината на Русија. Можеше да каже, што е сосема точно, дека Украинците немаше да лансираат ракети од системот за противвоздушна одбрана доколку Русите не ја нападнеа Украина.
Сепак, Зеленски реши да каже дека ракета лансирана од Русија паднала врз Полска, односно дека Русија истрелала проектили на територија на членка на НАТО. Со тоа многу му олесни Владимир Путин и пропагандната машина на Кремљ и ја загрози довербата на јавноста во Украина, на која работеше долго време и квалитетно.
Фото: ЕПА
