ГОЛЕМА ПОБЕДА НА БАЈДЕН ПО КЛУЧНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД НЕВАДА: Демократите ја задржуваат контролата врз Сенатот
Со победата во Невада, демократите ја задржаа контролата над
Сенатот, бидејќи стигнаа до потребните 50 сенаторски места.
Кетрин Кортез Масто, актуелниот сенатор од сојузната држава Невада, ќе остане на таа функција во следните шест години, објавија американските медиуми, означувајќи ја како победник пред противникот на Републиканската партија, Адам Лаксалт.
Иако Лаксалт беше главно во водство од изборната ноќ, одлучувачки фактор беше пребројувањето на гласовите по пошта, што ги фаворизираше демократите, објави Гласот на Америка.
Овој резултат од Невада, заедно со победата на Марк Кели во Аризона, им овозможи на демократите да стигнат до 50 сенаторски места. Републиканците во моментов имаат 49 сенатори.
Се уште не е познат исходот од трката во Џорџија, каде на 6 декември ќе се одржи вториот круг од изборите.
Дури и ако републиканецот Херчел Вокер го победи актуелниот сенатор Рафаел Ворнок, односот на силите во Сенатот ќе биде 50-50, но демократите би имале предност бидејќи во случаи на изедначени гласови, кога одлуката се носи со просто мнозинство, пресуден глас би имала потпретседателката Камала Харис, која е членка на Демократската партија.
Дури и Шумер, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, рече дека резултатите покажуваат дека американскиот народ ја отфрлил, како што рече, „насилната реторика“ на Републиканската партија.
Републиканците, сепак, сè уште би можеле да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом на САД, бидејќи гласовите од неколку области се уште се пребројуваат. Ако тоа се случи, републиканците навистина сè уште ќе можат да ја спречат агендата на Бајден до одреден степен.
ФОТО: EPA-EFE/Al Drago