Голем пожар во Франција: Распоредени се повеќе од 3.400 луѓе, евакуирани се 220.000 жители од околината на Бордо
Голем шумски пожар во југозападна Франција предизвика евакуација на уште неколку области преку ноќ, принудувајќи околу 55.000 луѓе да ги напуштат своите домови, со што вкупниот број на раселени лица достигна 220.000.
Пожарот се приближува кон Бордо, град познат по своето вино.
Властите во регионот Жиронд, каде што се наоѓа Бордо, издадоа наредби за евакуација на уште пет села преку ноќ, вклучувајќи и некои на периферијата на градот.
Во соопштението на властите се вели дека силните налети на ветер ги разгореле пламените јазици преку ноќ, забрзувајќи го ширењето на пожарот, кој гори надвор од контрола од средината на неделата.
Дополнителни, засилени копнени и воздушни сили се распоредени поради пожар во департманот Жиронд во југозападна Франција за да се стави пожарот под контрола и да се заштити локалното население.
Вкупно 750 пожарникари, 1.000 воени лица и 1.700 безбедносни сили се распоредени, објавува „Ле Фигаро“.
Во операцијата учествуваат и осумнаесет авиони: два противпожарни авиони „Канадер“, два авиони „Даш“, три противпожарни хеликоптери и единаесет авиони „Ер Трактор“.
Француските безбедносни сили помагаат во евакуацијата и вршат зголемен надзор на куќите во евакуираните подрачја.
Железничкиот сообраќај е целосно прекинат јужно од Бордо, а патниците се информирани дека возовите не сообраќаат кон Аркашон, Андеј или Дакс, бидејќи линијата минува низ места што беа евакуирани во текот на ноќта, вклучувајќи го и Маршприм.
На железничката станица Монпарнас во Париз, првиот воз на TGV утрово е скратен, а Бордо сега е последната станица.
„Не обидувајте се да патувате до Бордо; нема да има понатамошен сообраќај. Патничките железнички линии се нарушени“, предупредува кондуктерот пред заминување.
Огромен пожар што ја зафати областа во департманот Жиронд околу заливот Аркашон, се заканува и на периферијата на пошироката област на Бордо.
