Голем пожар на складиште за нафта на Куба, 17 исчезнати и 77 повредени
Седумнаесет лица се водат за исчезнати, а 77 се повредени во големиот пожар што избувна во складиште за нафта кога го удри гром во западна Куба, која во саботата упати повик за меѓународна помош.
Седумнаесет исчезнати се „пожарникарите кои биле во областа најблиску до пожарот“ кога се случила експлозијата, соопшти кабинетот на кубанскиот претседател кој „побарал помош и совет од пријателските земји кои имаат искуство во нафтениот сектор“.
Претседателот Мигел Дијаз-Канел на Твитер рече дека гаснењето на пожарот „може да потрае некое време“.
Тројца од повредените се во критична состојба, тројца се во многу тешка состојба, а 12 се здобиле со тешки телесни повреди, пишува официјалниот весник Гранма, пренесува „Н1“.
Пожарот избувнал во петокот вечерта кога гром удрил во еден од резервоарите за складирање нафта на периферијата на Мантазас, град со 140.000 жители, на околу сто километри источно од Хавана. Пожарот потоа се проширил на друга цистерна.
Според Гранма, „системот за заштита од гром не можел да го апсорбира силното електрично празнење“.
Марио Сабинес Лоренцо, гувернерот на Матанцас, изјави дека околу 800 луѓе се евакуирани.
Асбел Леал, директор на Кубанската нафтена унија (КУПЕТ), рече дека во моментот на несреќата, првиот резервоар содржел „околу 26.000 кубни метри домашна сурова нафта, или околу половина од нејзиниот капацитет“. Во вториот резервоар имало 52.000 кубни метри мазут.
Според него, никогаш немало пожар „од вакви размери“ на Куба.
Електраната Антонио Гитерас, најголемата во Куба, се снабдува од тој магацин, но нејзиното напојување не е прекинато, додава Гранма.
Пожарот се јавува во време кога островот од мај се соочува со потешкотии во снабдувањето поради зголемената потрошувачка на електрична енергија поради летните горештини.
Надлежните воведоа рестрикција на струја која во некои делови трае 12 часа, поради што жителите се гневни и досега организираа дваесетина протести.
Фото: EPA/ORLANDO BARRIA
