Го пресели ли Доналд Трамп реалното ТВ шоу „The Apprentice“ во Белата куќа?
Го паметите милијардерот Доналд Трамп од глобално популарното реално шоу по неговата легендарна вокална и фацијална артикулација „You are fired!”? Е па на некој начин тоа што се случи во петокот на Зеленски во Белата куќа, најмоќната политичка локација на светот, личеше на Доналд Трамп од реалното тв шоу „Чиракот“
Можете да се сетите кога прв пат, барем мноштвото од нас, слушнавме и го видовме американскиот милијардер со необично смешна фризура што се вика Доналд Трамп?
Сигурно првата слика што ќе ви дојде е како тој седи во студио централно поставен како на испит пред него млади претприемачи чија работа ја евалуира милијардерот. И неговата незаборавна вербална артикулација и фацијална манифестација“ You are fired!” (Отпуштен си!). И тука завршуваше секоја епизода од тоа реално шоу. Нели така беше откако ќе најдеа дежурен виновник кој ја зезнал работата во групата што губи со острата конкуренција меѓу два тима претприемачи.
Е да! Тоа беше реалното шоу со оригинално име „Чиракот“ или во оригинал „The Apprentice“ направено во ко-продукција на британскиот државен телевизиски сервис Би Би СИ и на Доналд Трамп. Реалното шоу беше глобално популарно и доживеа 14 сезони продуцирани и емитувани исто толку години од 2004 до 2017 година.
И сега, клучното прашање. Не ви личи тоа на ова што во петокот му се случи на Владимир Зеленски, украинскиот претседател на средбата со Доналд Трамд актуелниот претседател на САД во Белата куќа во Вашингтон Ди Си?
За некого што не знае дека Трамп од пред еден месец е претседател на светската воена супер сила, на втората најголема економија на светот и на државата чија национална валута е број еден резервна валута на светот, ова што се случи во петок ќе изгледаше како нова сезона од „Чиракот“ само во ново студио. На крајот од разговорот на Зеленски му се случи токму она како што и завршуваше реалното шоу, Трамп му покажа“you are fired”.
За Трамп, несомнено, може секој од нас да мисли што сака. И секој има право на мислење. Но едно е сигурно. Факт е дека Трамп е глобален шоумен. И ужива во секоја секунда од тоа шоу. Затоа што она што се случуваше во Белата куќа во петокот беше шоу. И очигледно дека Трамп свесно го направи тоа односно дозволи цел свет во живо да види како тој се однесува со Зеленски. Ова беше надвор од секој минимум стандард на меѓудржавен протокол. Дури и не беше хумано.
Трамп му порача на светот дека повеќе нема да има дипломатски стандарди и одмерен вокабулар на јавните настапи. Барем на неговите јавни настапи. За него очигледно дека Белата куќа под негово водство ќе биде running business а не водење политика како што сме навикнале да гледаме до сега.
Што ќе донесе ова? Останува да видиме. Периодот што следи ќе биде многу интересен. За жал немавме прилика да видиме како Трамp разговара со британскиот премиер Кремер и со францускиот претседател Макрон. Можеби, макар и јавно, ги поштеди од унижување?
Зошто Трамп има ваков став за војната во Украина?
Факт е дека Доналд Трамп изградил бизнис империја. Секогаш тоа го потенцира во своите настапи, а некогаш дури и наметливо па и вулгарно. И што сега тоа има врска со Украина? Па има. Клучни за Трамп како и за секој милијардер се две работи од кои зависи како тој ќе се постави и каков став ќе завземе. Првата е колку чини? И второ што ќе донесе? Во случајов се работи за Украина. Трамп јавно кажува дека Украина за САД чини прескапо, а не носи ништо.
А Трамп иако не е воен експерт добро знае дека на воен план односно на бојното поле победник е Русија. Не затоа што ја порази украинската војска туку затоа што завзеде територии и воено – тактички може да ги држи отворени сите фронтови на линијата подолга од 1.000 километри уште многу долго време. Затоа што ова не е војна за освојување на Украина. Излезе дека ова е војна во која двете завојувани страни се исцрпуваат меѓусебно. И тоа Русија на едната страна со отворена поддршка на Северна Кореја, Иран и Кина, а на другата страна Украина со целата поддршка на НАТО пактот.
А Трамп здраворазумски, макар и тетрално, кажа дека не е подготвен да продолжи да ја плаќа цената за трошоците што ги прави НАТО.
Н.С
Фото: ЕПА
