Го испрашуваат инженерот Сергеј Китриш кој ги изврши последните „поправки“ во авионот на Пригожин
Приведен e инженерот Сергеј Китриш кој ги изврши последните „поправки“ во авионот со кој летал водачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин. Авионот се урна во средата кај Москва, сите 10 патници загинаа, а вчера руските власти и официјално ја потврдија смртта на Пригожин.
Китриш го испрашувале за тоа што се случило непосредно пред последниот лет на водачот на групата Вагнер, објави каналот ВЧК-ОГПУ, кој има врски со руските безбедносни служби.
„Тој постојано работеше со авионот на Пригожин и токму тој ја изврши последната поправка за замена на кочницата и турбо ладилникот. Инспекторите веруваат дека бомбата можеби била поставена за време на поправки во последен момент. Набргу по експлозијата, Китриш бил однесен под надзор на руските специјални служби и однесен на местото на несреќата. Тој беше испрашуван од истражителот полковник Иван Сибул. Сега се решава судбината на Китриш. Уште не го пуштиле дома. Не се знае судбината на уште двајца инженери кои учествувале во поставувањето на опремата“, објави каналот ВЧК-ОГПУ.
Останатите инженери се Артур Миченков и Алексеј Аншуков.
Пригожин пред нешто повеќе од два месеци направи неуспешен обид за државен удар. Тој со своите борци тргна кон Москва, но во разговор со белорускиот претседател Александар Лукашенко ситуацијата се смири и заминаа во Белорусија. Лукашенко деновиве кажа дека имал информации дека му се спрема атентат на Пригожин.
