Гнев во Турција и радост во Ерменија по германското признавање на ерменскиот геноцид
Турција вели дека одлуката на Германија да го признае извршувањето на ерменскиот геноцид нема никаква правна вредност.
По усвојувањето на резолуцијата, која ги признава масакрите на Ерменците во Отоманската империја во Првата светска војна како геноцид, Анкара го отповикала претставникот во Берлин за дипломатски консултации, пренесува TACC, повикувајќи се на извештај од турскиот телевизиски канал 24 TV.
Во 2015 година турските власти реагираа на сличен начин, по признавањето на ерменскиот геноцид од Австрија, Луксембург и Ватикан.
Турција ја опиша како „историска грешка“ одлуката на германскиот Бундестаг. Тоа ќе биде третирано од Анкара како „неважечко“.
„Признавањето на германскиот парламент на овие „искривени и неосновани“ обвинувања како геноцид “се историска грешка“, се вели во официјалниот профил на социјалната мрежа „Твитер“ на Нума Куртулмус, портпарол на премиерот и владата.
Ерменија ја поздрави резолуцијата на германскиот парламент, пренесува „Public Radio of Armenia“.
„Изјавата на германскиот претседател Јоаким Гаул за 100-годишнината од ерменскиот геноцид, заедно со резолуцијата на Бундестагот, се значаен придонес не само кон процесот на меѓународното признавање и осудување, но и кон борбата за превенција на геноцид и злосторства против човештвото“, се вели во соопштението на ерменскиот министер за надворешни работи, Едвард Налбандијан.
„Германија и Австрија, двата поранешни сојузници на Отоманската империја, го признаа својот дел од одговорноста во вршењето на ерменскиот геноцид, додека турските власти продолжуваат да го негираат очигледниот факт на геноцидот извршен од Отоманската империја“, изјави уште Налбандијан, додавајќи дека „меѓународната заедница чека 101 година Турција да се соочи со историјата“.
