Глобалниот сојуз против „Исламска држава“ почнува да се оформува
Франција, Русија и САД пристапија кон фазата на разговори за заеднички активности кон најтешкиот дел на реалните заеднички операции. Тоа се случува по повикот на францускиот претседател Франсоа Оланд за „огромна и единствена коалиција“ за справување со терористичката организација „Исламска држава“ (ИД), наречена уште „ИСИС“, пишува „Wall Street Journal“.
Франција и Русија бомбардираа цели на „ИД“ во Сирија вчера, 17 ноември, казна за групата за нападите во Париз и паднатиот руски авион во Египет, за кој се потврди официјално дека е соборен со бомба. Двете држави ги направија првите прелиминарни чекори за евентуален воен сојуз, пишува и „EurActiv“.
„ИД“ објави дека е одговорна за координираните напади во француската престолнина на 13 ноември и за соборување на рускиот авион на полуостровот Синај на 31 октомври. Кај двата случаи вкупно загинаа 353 лица. Терористичката група додаде дека нападите се одговор на воздушните напади во Ирак и Сирија.
Уште во шок од атентатите во Париз, во кои загинаа 129 лица, Франција направи невиден повик со барање за поддршка од Европската унија. Според иследниците француските служби имаат напредок во откривањето на замислата за нападите, која започна во Сирија и се разви во Брисел.
Истовремено претседателот на САД, Барак Обама денеска изјавил дека ако Русија ја смени својата воена стратегија во Сирија, фокусирајќи се на „Исламска држава“, тогаш Вашингтон ќе ги поздравува заеднички активности со Москва за засилена воена кампања. Обама додал дека успеал да ја пренесе оваа порака на рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата на Г-20 во Турција оваа недела, 15 ноември. „Тоа е нешто што ние многу сакаме да го видиме“, изјавил американскиот претседател во текот на конференцијата на азиските држави, која се одржува на Филипини.
Во меѓувреме Оланд разговарал по телефон со рускиот колега Путин за можните заеднички планови. Францускиот претседател, исто така, планира да ги посети Вашингтон и Москва во текот на следната недела, за да ги убеди земјите да формираат нов голем воен сојуз.
Во вторникот навечер Париз го започна третиот циклус од воздушни напади за 48 часа против „ИД“ во градот Рака, кој е сметан за „престолнина“ на организацијата. Во исто време руски борбени авиони и проектили ја погодија Рака во текот на истот денот. Франција и Русија не ги координираат своите операции, но руската военоморска флота има воспоставено врска со француската флота, соопшти Кремљ. „Треба да се подготви план со нив за заеднички поморски и воздухопловни активности“, изјавил Путин пред воените команданти, цитиран од „EurActiv“.
Постои веројатност напорите за заеднички активности да пропаднат, земајќи ги предвид големи проблеми како руската интервенција во Украина и несогласувањата за иднината на Сирија, пишува „Wall Street Journal“. Од друга страна учеството на арапските држави, кои имаат различни и спротивставени интереси, дополнително ја усложнуваат регионалната ситуација.
Сепак друг од знаците за потенцијален напредок е дека Москва претходно го известила Вашингтон за воздушните напади од вчера, 17 ноември. Ова е прв пат кога вакво нешто се случува од како Русија почна воздушна офанзива во Сирија на 30 септември. Според американските власти Москва извршила помеѓу 12 и 20 удари во вторникот.
Од започнувањето на воздушните напади Русија тврди дека првична цел е „Исламска држава“. Сепак повеќето од исфрлените бомби погодија територии под контрола на групите кои се опозиционери на сирискиот претседател и сојузник на Русија, Башар Асад.
„Русија ги менува своите цели, бидејќи денес руските проектили го погодија градот Рака. Можеби денес оваа голема коалиција со Русија е можна“, изјавил денеска за телевизијата „TF1“ францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан.
