ГЛАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА МЕЃУНАРОДНИОТ КРИВИЧЕН СУД - Путин нема да биде поштеден од прогон за воени злосторства
Владимир Путин нема да биде поштеден од гонење за воени злосторства доколку доказите покажат дека тој ги извршил, тврди главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд.
Обвинителот на МКС, Карим Кан, кој моментално ги истражува прекршувањата на теренот во Украина, изјави за Euro news дека претседателството на Путин нема да му помогне да остане неказнето.
„Не е одбрана да се повикуваш на наредби од претпоставен, ниту пак службената положба на поединец како генерал, претседател или премиер е основа за имунитет. Нема имунитет за меѓународни злосторства, а исто така нема застареност за воени злосторства или злосторства против човештвото“, изјави Кан за Euro news.
„Се наоѓаме во критичен момент, се зборува за употреба на тактичко нуклеарно оружје“
Русија е обвинета за воени злосторства низ Украина. Руските воени сили се обвинети за силување, убиства и мачење на цивилното население.
Наводите за воени злосторства станаа погласни откако Москва во понеделникот изврши ракетни напади во Украина во кои загинаа најмалку 19 лица, а 105 беа ранети. Кан рече дека таквите напади се неприфатливи доколку се утврди дека се вистинити.
„Едно е јасно - не можете намерно да таргетирате цивилни објекти, училишта и болници, цивилни резиденции освен ако не се користат за да се постигне посебна воена предност. Дури и тогаш, постои правило за пропорционалност. И тоа е нешто, знаете, применливо .
Се разбира, можете да го екстраполирате тоа во однос на голем број различни цели, без разлика дали се работи за мостови или енергетски локации. Но, ширењето на теророт не е дозволено. И тогаш треба да ги гледате работите како дел од целокупната шема, наспроти само еднократните случаи. Меѓународното право сега е порелевантно од кога било поради тензиите меѓу Русија и Западот.
Се наоѓаме во многу критичен момент... Во момент кога лидерите зборуваат за употреба на насилство, бомби и куршуми. Треба да застанеме и да размислиме, каде одиме? Но, кога зборуваме за тактичко нуклеарно оружје, тоа не е само зоната на самракот, тоа е предвечерието на кошмарот. И мораме да го сфатиме крајно сериозно.
Мислам дека законот има своја улога. Тоа нема да ги реши сите проблеми во светот, но треба да се погрижиме да биде релевантно во овие најкритични времиња низ кои минуваат луѓето. Ова не е холивудски филм. Ова е нешто што е блиско и лично за многумина“, изјави обвинителот на МКС за Еуро њуз.
Кан и неговиот заеднички тим во моментов ги истражуваат воените злосторства во Украина со шест земји од ЕУ под покровителство на Европравда, агенцијата за судска соработка.
Фото: ЕПА
