Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГЕРМАНСКАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА КОМПАНИЈА ЌЕ ПРЕВЕЗУВА УКРАИНСКО ЖИТО, транспорт со товарни возови низ Романија и Полска

ГЕРМАНСКАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА КОМПАНИЈА ЌЕ ПРЕВЕЗУВА УКРАИНСКО ЖИТО, транспорт со товарни возови низ Романија и Полска

Германската државна железничка компанија Дојче Бан најави дека планира транспорт на пченица со товарни возови од Украина до германските пристаништа, откако руската инвазија го запре извозот на жито преку Црното Море.

Украина е еден од најголемите извозници на пченица, а повеќе од 90 отсто од извозот бил преку Одеса и Мариупол на Црното Море.

Но, руската инвазија го запре тој извоз, блокирајќи десетици бродови и околу 20 милиони тони жито заглавени во силоси во Одеса, предизвикувајќи зголемени цени на храната.

Дојче бан објави дека ќе ја трансформира својата мрежа за испорака на хуманитарна помош за носење жито од Украина до германските пристаништа Росток, Хамбург и Брејк во близина на Бремерхавен.

За таа цел, компанијата планира да воведе неколку товарни возови неделно, а голем дел од житото би се транспортирало преку Романија и Полска, соопшти Дојче бан, додавајќи дека се уште не можат да прецизираат колку жито ќе можат да превезуваат.

- Ќе транспортираме што е можно повеќе жито - изјави портпаролот на компанијата за германската новинска агенција ДПА, која прва ја објави веста.

Во вкупното производство на пченица во светот, Украина учествува со седум отсто, но кога станува збор за висококвалитетната пченица, нејзиниот удел се искачува на дури една петтина од светското производство.

Слично

Поврзани вести