Германската разузнавачка агенција не била „инструмент на САД“
Шефот на германското разузнавање ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека разузнавачката агенција на Германија дејствува против националните интереси во соработката со американските колеги.
Пратениците од опозицијата побараа оставка на Герхард Шиндлер по информациите дека тој и помагал на американската Агенција за национална безбедност да прислушува европски компании и официјални лица.
Шиндлер истакнал дека агенцијата позната како „BND“, „не е инструмент на Агенцијата за национална безбедност“.
Во исто време, германската канцеларка Ангела Меркел ги уверуваше новинарите во Берлин дека Владата ќе обезбеди „сите детали“ за случајот пред парламентарна комисија која ќе ја истражува соработката со САД во областа на разузнавањето.
Меркел ги заштити активностите на „BND“.
Во првиот јавен коментар за случајот Меркел истакнала дека се уште верува дека не е прифатливо пријателски земји да се шпионираат, имајќи предвид за случајот во 2013 година. Пред две години излезе информација дека САД го прислушувале телефонот на германската канцеларка.
„Но, од друга страна разузнавачките агенции работат за јавната безбедност и германската влада ќе стори сé за да продолжат да ја вршат својата работа“, појаснила Меркел.
