ГЕРМАНКАТА КИДНАПИРАНА ВО ИЗРАЕЛ Е МРТВА: Терористите на Хамас ја отсекле нејзината глава
Милитантите на палестинската група Хамас ја мачеле и ја отсекле главата на младата Германка која ја киднапираа на фестивалот во јужен Израел.
Хамас ја киднапираше Шани Никол Лук на 7 октомври на музичкиот фестивал во кибуцот Реим. Претседателот на Израел, Исак Херцог во интервју за „Билд“ ја потврди информацијата дека 23-годишната Германка Шани Лук била обезглавена.
„Навистина ми е жал што морам да ве известувам дека сега ја добивме веста со која е потврдено дека Шани Никол Лук е убиена и е мртва. Пронајден е нејзиниот череп“, изјави претседателот Херцог.
Тој додаде дека „варварските и садистички ѕверови“ на Хамас „ја отсекле главата“ на девојката чие тело дури сега е идентификувано. Телата на 40 жртви сѐ уште не се идентификувани. Проблемите со идентификацијата се последица на тоа што телата биле обезличени, изгорени или осакатени.
За Херцог, упадот на Хамас на израелска територија резултираше со „кланица“ со „најстрашните трагедии што може да се замислат“. Веднаш по нападот, Хамас објави снимка на која се гледа како Лук, полугола и тешко повредена, лежи во едно од нивните возила.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за телевизиската станица ЗДФ кажа дека Германија и нејзините вооружени сили мора да бидат „подготвени за војна“.
Израелските копнени сили денеска напредуваа подлабоко во Појасот Газа.
Последното истражување на јавното мислење во Израел покажа дека јавната поддршка за долгорочната окупација на Појасот Газа е намалена, бидејќи израелската Армија навлегува подлабоко на палестинската територија.
фото: Принтскрин
