Економија, финансии, бизнис

Контакт

Германија во паника: Како да се запре падот на куповната моќ?

Германија во паника: Како да се запре падот на куповната моќ?

Поради високата стапка на инфлација, куповната моќ на луѓето во Германија се намалува. А тоа е поврзано со силниот раст на цените на енергијата и храната. Дали конечно е на повидок крајот на тој негативен тренд?

Значителниот пораст на цените, особено на храната и енергијата, тешко ги погоди потрошувачите во Германија. Стапката на инфлација во изминатата година беше 7,9 отсто, но платите во просек не пораснаа со тоа темпо. Резултатот од тој тренд е пад на куповната моќ.

Во меѓувреме, ситуацијата се чини дека се подобрува. Во текот на септември годинава стапката на инфлација значително се намали. Истовремено, во повеќе гранки беа склучени нови колективни договори со повисоки плати.

Според податоците што се моментално достапни, просечната плата дефинирана со колективниот договор во Германија годинава пораснала за 5,6 отсто, вели професорот Торстен Шултен од Институтот за економски и општествени науки (WSI) во Дизелдорф. Институтот е близок до синдикатите.

Со очекуваната стапка на инфлација од околу шест проценти за тековната година, тоа би значело „плус или минус нула“ за вработените, вели Шултен. А тоа значи дека во 2023 година, за прв пат во последните две години, потрошувачите би избегнале дополнителен пад на куповната моќ .

Но, самиот поим „куповна моќ“ е работа сам по себе, бидејќи може да има различно значење, во зависност од ситуацијата во која се користи.

Цените во Германија се удвоија од обединувањето во 1990 година. Во изминатите 32 години, од 1991 до 2023 година, еврото (чисто математички гледано, бидејќи германската марка сè уште постоеше во деведесеттите) изгуби околу половина од својата вредност (49 проценти).

Податоците можеби се шокантни на прв поглед, но треба да се запомни дека Европската централна банка имаше за цел да ја задржи годишната инфлација на ниво од два отсто. Пред тоа германската централна банка имаше слична цел за германската марка. Така, за 32 години се реализира целта на Централната банка.

И како растат платите?

Во истиот период пораснаа не само цените, туку и платите. Тие дури растеа со многу поголемо темпо од цените. Во тие 32 години е забележан раст од 121 отсто кај просечните плати, а кај цените за 94 отсто. Значи, не би било погрешно да се каже дека на работниците денес им е многу подобро и покрај падот на куповната моќ.

Ако под вработени подразбираме луѓе кои работат со полно работно време и кои земаат барем просечна плата. Торстен Шултен вели: „Веќе во деведесеттите години на минатиот век, а потоа особено во првата деценија на овој век, разликите помеѓу одредени групи на плати се зголемија силно.“ Шултен забележува дека работниците вработени во просперитетните индустриски гранки забележале многу добар раст на реалните плати , но и додава: „Бројни вработени во класичните гранки каде се исплаќаат ниски плати, забележаа значително помал раст на приходите, а делумно се соочија и со значителен пад на реалните плати. А тоа значи пад на куповната моќ.

Воведувањето на минималната плата во Германија во 2014 година беше само резултат на ваквиот развој на настаните. Според дефиницијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), поимот „ниска плата“ значи приход што е помал од две третини од просечната бруто плата во земјата.

Голем сектор на ниски плати

Во Германија, секторот со ниски плати рапидно порасна. Таму работи секој петти вработен, односно 20 отсто од работната сила. Тој е еден од најголемите сектори со ниски плати во Европа, малку повисок само во Бугарија, Полска и балтичките земји. Што се однесува до просекот на Европската унија, секторот за ниски плати е 15 проценти. Во скандинавските земји, во Франција или Италија, тоа е дури и помалку од десет проценти.

Во споредба со другите европски земји, Германија не е најдобро рангирана ниту според процентот на вработени кои се опфатени со колективен договор, кој синдикатите го склучуваат со здруженијата на работодавачи. „Во Германија, колективните договори важат само за секој друг вработен“, вели Торстен Шултен. „Во скандинавските земји, над 90 отсто од работниците се обврзани со колективни договори. Дури и во многу западноевропски земји, тие важат за најмалку 80 отсто од вработените. .

Што планира федералната влада?

Во просек, платите што се исплаќаат врз основа на колективен договор се за 15 до 20 проценти повисоки од платите што се исплаќаат за иста или слична дејност во компании без колективни договори, забележува Шултен. Споредбата со европските соседи покажува и: „Колку е поголемо присуството на колективни договори во една земја, толку е помал секторот за ниски плати“.

Фирмите не можат да бидат принудени да склучат колективен договор, односно не можат да бидат принудени да се приклучат на условите на тарифните договори на филијала. Амазон, на пример, со години одбива такви барања.

Германската влада планира да донесе закон со кој ќе ги „награди“ оние компании кои ќе се обврзат да го почитуваат колективниот договор. Тој закон предвидува владини работни места да се доделуваат само на оние компании кои се вклучени во системот на колективни договори. Слични правила веќе постојат во некои германски провинции.

Слично

Поврзани вести