Германија усвои мерки за ограничување на мигрантскиот поток
Германија усвои мерки за ограничување на потокот од мигранти без преседан кон земјата, меѓу кои е и намалување на паричните надоместоци.
Новото законодавство има за цел да се олесни притисокот врз локалните администрации, а и да ги увери гласачите дека Владата ја контролира ситуацијата.
Берлин сака промените во законодавството да влезат во сила од ноември.
Притисокот врз канцеларката на Германија Ангела Меркел се засилува, вклучувајќи го и од нејзината партија, откако таа коментира дека нема да се наметнуваат граници на правото на азил и дека земјата е подготвена да ги прифати сите бегалци од Сирија. Властите очекуваат оваа година Германија да прими 800 илјади лица - четири пати повеќе во однос на 2014 година, наведува Фајненшл Тајмс.
Паричната помош во износ од 143 евра по лице месечно ја прави Германија една од најатрактивните европски држави за мигрантите. Предвидено е бегалците да добијат безготовинска помош, како што се ваучери за храна. Ќе се запре исплатата на пари на бегалците кои живеат во официјалните центри за сместување.
Берлин планира да ги впише во листата со најбезбедните земји Косово, Албанија и Црна Гора. Така луѓето од овие земји, кои бараат азил, ќе можат да бидат вратени назад. Тоа е и една од мерките за справување со економските мигранти од Западен Балкан.
Мигрантите, чии барања за азил не бидат одобрени, ќе бидат вратени назад дома побрзо, предвидуваат уште промените. Оние сепак, чии молби ќе бидат одобрени, ќе имаат побрз пристап до јазични курсеви, за да се подобри нивната интеграција во општеството и пазарот на трудот.
Групи кои ги поддржуваат бегалците, се спротивставија против промените во законодавството, како нагласуваат дека амандманите ќе бидат дополнително оптоварување и без тоа пренатрупаните центри за бегалци, каде борбите меѓу луѓето се повеќе се честа појава.
