ГЕРМАНИЈА САКА ДА ДОМИНИРА Качински со обвинение кон Берлин
Лидерот на полската владејачка десничарска партија Право и Правда (ПиС), Јарослав Качински, ја обвини Германија дека сака да доминира во Европа. Германците денес сакаат да го постигнат со мирни средства она што некогаш сакаа да го постигнат со воена сила, рече Качински во саботата во градот Легница во јужна Полска.
Но, силата на Европа лежи во различноста и суверенитетот на земјите-членки, рече тој, додавајќи дека верува дека „ситуацијата во која втората по големина земја во ЕУ сака да доминира во Европа е пат кон криза и катастрофа“. Качински (73) нема никаква функција во владата, но важи за влијателен „играч“ во полската политика.
Полска следната есен избира нов парламент, а поради високата инфлација неодамна падна рејтингот на актуелната влада на ПиС. Во своите говори низ јужниот полски округ Долна Шлезија, Качински веројатно се обидува да ги придобие гласачите со антигерманска реторика, пишува Јутарњи лист.
