ГЕРМАНИЈА ПРЕД НОВ ПРЕДИЗВИК: Токсична тиња по поплавите може да прошири колера
Најмалку 189 лица загинаа во поплавите што погодија делови од Западна Европа, а стотици се водат за исчезнати. Десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови, а многумина сè уште немаат пристап до електрична енергија и вода за пиење.
Поплавата што се случи поради рекордни количини на врнежи, најпрво погоди делови на Западна Германија, а потоа и соседните Белгија и Холандија. Откако во саботата водостојот на реката Меза се искачи на нивоа што не се видени во последните сто години, неколку области низ југот на Холандија сè уште се под евакуација. Само во градот Венлу, веднаш до реката, 10.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.
Во Германија, во меѓувреме, откако водата се повлече, беше откриен вистинскиот степен на уништување, каде поројите оставија пустош, кал и хаос зад себе. Беа однесени цели градови, железнички станици и патишта, а најмалку 158 луѓе загинаа во, како што рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, „најголемата природна катастрофа“ на векот.
По повлекувањето на водата, жителите на Германија сега се соочуваат со големи наноси од кал и тиња што може да предизвика нов бран епидемии.
Бидејќи скоро сите канализациони цевки беа уништени за време на поплавата, водата за пиење и канализацијата се мешаат, објасни експертот за хигиена и заразни болести Клаус-Дитер Застров за Билд.
„Ова значи дека постои голем ризик од заразување со разни болести. На пример, може да добиеме колера “, рече Застров.
