Германија од денес ги враќа повторно бесплатните тестови за КОВИД-19
Германија од денеска повторно ќе ги воведе бесплатните тестови за КОВИД-19, изјави во петокот вршителот на должноста министер за здравство на земјата, Јенс Шпан, како дел од мерките за сопирање на бранот на нови позитивни случаи.
Бесплатните тестови, кои првпат беа понудени од март како начин да се компензира бавното воведување на вакцините, се враќаат по еден месец, бидејќи стапката на инфекција достигна рекорд во петокот петти ден по ред.
Податоците од германскиот институт Роберт Кох (РКИ) претходно покажаа дека 263,7 луѓе од 100.000 биле заразени во текот на минатата недела.
Шпан, исто така, рече дека поддржува построги услови што би значело дека луѓето кои се вакцинирани и/или закрепнале мора да обезбедат негативен тест за коронавирус за да присуствуваат на јавни настани.
Шефот на РКИ, Лотар Вилер, рече дека е против големите настани воопшто, особено поради претстојните празници и предупреди дека ситуацијата е сериозна.
„Најмалку 90 отсто од луѓето во Германија треба да имаат имунитет против коронавирусот. Во спротивно не можеме да го контролираме вирусот“, рече Вилер на прес-конференцијата во Берлин.
Над 67 отсто од населението е целосно вакцинирано, според бројките на Министерството за здравство.
Построгите мерки за спротивставување на бранот случаи на КОВИД-19 што ја зафати земјата се поддржани од половина Германци, повеќе од двојно повеќе од пред две недели, покажа анкетата во петокот.
Само 32% од испитаниците биле задоволни со постојните регулативи, а 49% сакале нивно заострување, покажа истражувањето Forschungsgruppe Wahlen на 1.257 Германци спроведено од 9 до 11 ноември за радиодифузерот ZDF.
Пред две недели само 20% сакаа да бидат заострени мерките.
