Економија, финансии, бизнис

Контакт

Германија најавува пробна рута за извоз на украинско жито

Германија најавува пробна рута за извоз на украинско жито

Берлин планира да воспостави тест коридор за извоз на украинско жито по железница, изјави германската амбасадорка во Украина, Анка Фелдхузен.

- Во блиска иднина извозот на украинско жито преку пристаништето Одеса не е можен, затоа треба да се работи на можноста за извоз преку Полска. Германија планира да го овозможи тоа со помош на германските железници. Работиме со Украинските партнери да спроведат таков тест транспорт - пренесува „РТВ.рс“ повикувајќи се на новинската агенција Униан.

ЕУ ги засили напорите за воспоставување „солидарен коридор“ за транспорт на украинското жито по копнен пат и е загрижена за можна криза со храна доколку испораките не стигнат до нивната дестинација.

Украина, главен производител на жито, не може да извезува жито по морски пат поради војната во земјата, а се проценува дека во моментов во украинските пристаништа се заглавени меѓу 22 и 25 милиони тони жито. 

Западните земји ја обвинуваат Русија дека го блокира извоз, додека Москва вели дека за тоа е виновна украинската армија бидејќи минирала пристаништа.

Во моментов се работи на опциите за извоз на украинско жито по копнен пат, но според германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, тешко дека ќе се вади целото жито.

- Јасно е дека на крајот дефинитивно нема да можеме да го извлечеме целото жито, но ако успееме да извлечеме барем дел од него преку различни патишта, тоа би помогнало да се спречи глобална криза со храна - рече Бурбок во понеделникот по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. 

Таа изјави дека Берлин во моментов преговара со Романија и Полска за можните начини да се спаси украинскиот извоз.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Москва ќе гарантира непречен премин на бродовите што превезуваат украинско жито доколку Киев ги исчисти своите пристаништа од мини или може да обезбеди извоз на стоки преку пристаништата под руска контрола, како што се Бердјанск и Мариупол.

Слично

Поврзани вести