Германија ќе им наметне данок на муслиманите?
Германија бара воведување данок и за муслиманските верници.
На овој начин ќе се овозможи понезависно финансирање на работата на џамиите во Германија, кои моментално се финансираат од странски пари.
Претставниците од владејачката демохристијанска-социјалдемократска коалиција се заложија за воведување верски данок во Германија и за муслиманските верници.
„Наша цел треба да биде ослободување на исламот во Германија од странско влијание и посилна ориентација кон извори во Германија“ – изјави потпретседателот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Торстен Фрај.
Тој изјави дека воведувањето данок за муслиманските верници, по примерот на црковниот данок кој го плаќаат верниците од протестанските и католичките цркви во Германија, би бил прв чекор во вистински правец.
И помалиот партнер во Владата на канцеларката Ангела Меркел, Социјалдемократската партија на Германија (СДП) бара одвојување на исламскиот верски живот во Германија од странското влијание.
„Идејата муслиманските верски заедници во Германија да се одвојат од финансирањето однадвор е вредна за расправа“ – изјавил експертот на СДП- Буркхард Лишка за „Die Welt”.
Џамиите во Германија, кои бројат над два милиона турски верници, се под директна контрола на турското здружение Дитиб, кое е подредено на турската Влада. Но, има и повеќе џамии кои се под директно влијание на заливските земји, како Саудиска Арабија, во кои се негуваат исклучително конзервативни форми на ислам.
Колку џамии или муслимански верски заедници има во Германија, точно не се знае, туку има само претпоставки. Во 2016 година во земјата беа следени 90 сомнителни џамии. Во Германија има голема турска заедница, но и голем број мигранти.