Германците веќе креваат раце-паѓа бројот на дизелаши
Продажбата на нови автомобили во Германија пораснала во август, покажуваат официјалните податоци, додека е забележан понатамошен пад на регистрација на дизелашите.
Вкупниот број новорегистрирани автомобили на патиштата во Германија пораснал за 3,5 отсто во однос на истиот месец во 2016 година, достигнувајќи речиси 254 000 возила, објавија федералните сообраќајни власти.
Тоа е забрзување во однос на јулскиот пораст од 1,5 отсто.
Истовремено регистрацијата на дизел мотори паднала за речиси 14 отсто минатиот месец на годишно ниво.
Потенцијалните купувачи во најголемата европска економија ги исплаши реакцијата на политичарите за масовните измами на регуларните тестирања на емисии гасови, на кои произведувачите на автомобили ги прикривале прекумерните нивоа на испуштање азотни оксиди од моторите.
Некои германски градови покренале иницијатива за забрана на возила кои се големи загадувачи во одредено време, како би се спасиле од проблемот со загадување на воздухот.
Канцеларката Меркел изјавила дека „работи на спречување на забрана за возење“ , бидејќи почнал собирот на градоначалници во градови кои се најпогодени од овој проблем.
Од јануари до август оваа година, околу 40,9 отсто регистрирани нови возила биле на дизел мотор во однос на 46,7 отсто од истиот период 2016 година, соопштуваат германските здруженија.
Гледано по брендови, Фолксваген-кој е во епицентарот на дизел скандалот-има најголем број на регистрирани нови возила, 43.500 единици, или 17,2 отсто од вкупниот број.
И покрај тоа, неговата продажба во август е намалена за 10,9 отсто во однос на лани.
Продажбата на други звучни автомобилски брендови била во пораст, при што БМВ забележал зголемување од 6,7 отсто, а Мерцедес-Бенц од 7,5 отсто во споредба со август 2016 година.
Ауди пак заостанува зад ривалите, бидејќи ја зголемил продажбата за само 0,9 посто.
