Генералштабот на украинските вооружени сили демантира дека Констјантинивка е под руска контрола
Генералштабот на вооружените сили на Украина денеска објави дека градот Констјантинивка е под контрола на украинските одбранбени сили и дека информациите што се појавија во медиумите за изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека руските трупи го зазеле тој град во регионот Донецк не се точни.
Портпаролот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, мајор Андриј Ковалев, изјави дека, според податоците на оперативниот систем за следење на ситуацијата „Ѕвин“ и борбениот информативен систем ДЕЛТА, Констјантинивка е сè уште под контрола на украинските сили, пренесува Укринформ.
Според него, единиците и подединиците на 19-от армиски корпус на оперативната група „Исток“ продолжуваат да спроведуваат одбранбени операции на одредени линии во градот и на приодите кон Констјантинивка.
Во исто време, руските сили не се откажуваат од обидите да го освојат градот и се регистрирани случаи на инфилтрација на мали пешадиски групи од еден до три војници длабоко во борбениот распоред на украинските сили, според Укринформ.
Анти-диверзантски активности на украинските одбранбени сили се во тек во градот, а инфилтрираните групи се откриваат и уништуваат, нагласи Ковалев.
Како што изјави, во текот на вчерашниот ден, руските сили извршија 11 напади во таа насока, но не постигнаа успех.
Ковалев истакна дека ова не е првпат руската страна да прибегне кон ширење „отворени дезинформации и лажни вести“ преку своите врвни функционери.
„Украинските бранители продолжуваат да држат позиции на одредени одбранбени линии. Ситуацијата останува сложена, но е под контрола на Одбранбените сили на Украина“, изјави портпаролот на Генералштабот.
Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека заземањето на Констјантинивка претставува прва, но многу важна фаза во уништувањето на украинските сили што го држат утврденото подрачје Славјанско-Краматор.
За време на консултацијата на командното место на Обединетата армиска група, тој рече дека безбедносната зона по граничните области со Украина е значително проширена во последните месеци и дека нејзиното формирање се планира да продолжи во Харковскиот, Сумискиот и Дњепропетровскиот регион.
Путин додаде дека безбедносната зона по границата со Украина се формира на, како што изјави, историски руска територија и дека ќе се прошири поради нападите на украинските сили врз цивилната инфраструктура во Русија, објавија руските медиуми.
Тој изјави дека „од почетокот на годината, руските сили ослободиле 133 населени места и презеле контрола врз повеќе од 3.000 квадратни километри територија во Донбас и Новоросија“.
