„Газпром“ ги бара парите од Украина за овозможениот попуст
11,4 милијарди долари треба да плати Украина, поради попустот на цената на рускиот гас направен во однос на земјата во изминатите четири години, изјави претседателот на руската гасна компанија „Газпром“ Алексеј Милер.
Попустот беше вклучен во договорот од Харков, склучен во април 2010 година, што го продолжи до 2017 година закупот на пристаништето Севастопол во Крим за потребите на руската Црноморска флота.
Москва пак неделава ја откажа спогодбата, согласно на што Украина треба да ја плати намалената сума, изјави Милер, пренесува руската државна телевизија.
Според него Русија фактички плаќала „авансно“ за распоредување на Црноморската флота во Украина, што значи дека сумата од 11,4 милијарди долари претставува долг на Украина кон Руската федерација.
Според Москва договорот повеќе нема никакви правни дејствија да продолжи, откако Крим и градот Севастопол веќе се неразделен дел од Руската федерација.
Новата цена која Украина отсега ќе ја плаќа за рускиот гас е 485 долари за 1000 кубни метри. „Газпром“ објави дека очекува веднаш да бидат исплатени 2,2 милијарди долари.
Русија се уште не добила ниту еден долар за испорачаниот гас на Украина во март. Киев не ги исполнува, ниту обврските од рускиот заем од 3 милијарди долари, одобрен минатиот декември.
