Газа остана без земјоделство, израелската интервенција ги крена цените до плафон
Воената офанзива на Израел против палестинското милитантно движење Хамас, која трае повеќе од еден месец, комплетно го парализира земјоделското производство во појасот Газа.
Интервенцијата предизвика долготрајни штети на сточарството, полјоделството и рибарството, предупреди Организацијата на ОН за земјоделство и храна (ФАО). „Судирот ги попречи жетвата, бербата и риболовот и предизвика огромно поскапување на храната“, соопшти ФАО.
Проценките се дека и откако војната ќе заврши, долгорочно ќе биде потребна значителна помош од странство за повторно земјоделството во палестинските региони да застане на нозе.
Земјоделците и сточарите ги напуштиле своите имоти заради војната и производството во целост е прекинато, се наведува во извештајот. Најголема штета настанала на околу 17.000 хектари обработлива површина, а оштетени се и пластениците, системите за наводнување, сточниот фонд, залихите со сточна храна, рибарските бродови.
Газа загубила половина од живината во бомбардирањата или заради недостиг на храна, вода и нега. Загубите за рибарството од 8 јули до 10 август изнесуваат 235 тони риба, што е речиси 10% од годишниот улов, процени ФАО. Иако населението во појасот Газа увезува најголем дел од храната што ја троши, сепак локалните производи се важен извор на евтина храна.
Со оглед на тоа што увозот на храна е ограничен заради војната, а домашното производство е запрено, речиси целото население во Газа сега зависи од хуманитарна помош во храна. Војната предизвика огромни поскапувања, особено на јајцата и зеленчукот. Доматите поскапеле за 179%, а компирите и јајцата за 40%.
Распределбата на хуманитарната помош зависи од привремен прекин на огнот во зоните на воени дејства. Во појасот Газа кој има 1,8 милиони жители, 28.600 луѓе директно живеат од земјоделство и рибарство.
Слично
