Гаспром нуди попусти за антимонополниот спор со Брисел
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ е подготвен да направи отстапки за да ги отфрли стравувањата на ЕУ дека може да ја попречи конкуренцијата на гасниот пазар во Централна и Источна Европа (ЦИЕ), пренесоа агенциите.
Газпром и претставил на Европската комисија предлог за решавање на антимонополниот спор, се наведува во соопштението на прес-службата на компанијата.
Портпаролот на ЕК, Рикардо Кардосо изјавил дека комисијата ќе ги разгледа „внимателно“ предлозите. Повеќе информации за нивната содржина не се открива.
Рускиот гасен гигант „Газпром“ упатил предлози до комисијата со цел постигнување на пријателска спогодба со ЕУ.
Претходно денеска заменик-претседателот на Управниот одбор на гасната компанија Александар Медведев изјавил за „ТАСС“ дека наскоро „Гаспром“ ќе има средба со Европската комисија за антимонополната истрага.
Тој посочил дека компанијата испратила предлог за решавање на тврдењата покренати против „Гаспром“, а наскоро тоа ќе биде дискутирано и со госпоѓата Вестагер (Маргрете Вестагер, европски комесар за конкуренција).
„Можеме да потврдиме дека „Газпром“ и претстави на Европската комисија проект со цел договор за истрагата“, објави групата во коминике, цитирано од „АФП“.
„Очекуваме да разговараат за ова прашање со претставниците на комисијата во блиска иднина, за да постигнеме договор“, се дополнува во пораката.
Потсетуваме дека „Гаспром“ има рок до 28 септември да и го претстави на Европската комисија официјалниот одговор за обвинувањата во монополска положба на голем број пазари во „ЦИЕ“.
Во април 2015 година ЕК го обвини Газпром дека ја злоупотребува доминантната позиција на гасниот пазар во осум земји-членки на ЕУ - Естонија, Унгарија, Бугарија, Чешка, Латвија, Литванија, Полска и Словачка, користејќи систем на цените, кој не одговара на европските норми . Газпром ги отфрли обвинувањата како неосновани.
Денес во одделна порака на компанијата, цитирана од агенциите, се наведува дека „Гаспром“ е подготвен да се вклучи во нивните договори за извоз и можност за пресметки во рубљи.
Освен тоа Гасниот гигант е обвинет за незаконско поврзување на испораките на гас со преземање на обврски за изградба на инфраструктура во Бугарија и Полска.
