“Гаспром” го потпишува договорот за “Северен поток” 2
"Газпром" има намера во текот на Источниот економски форум во Владивосток (3-5 септември) да потпише договор со акционерите на проектот Nord Stream 2.
Ова го открил пред "Коммерсант" извор запознаен со текот на преговорите.
Според податоците на рускиот весник, четири компании веќе се изјасниле официјално за учеството во проектот - англо-холандската Shell, австриската OMW, и германските E.On и Wintershall. Секоја од нив ќе добие по 10% во проектната компанија.
За "Гаспром" ќе остане контролниот пакет од 51%. Уште 9% од акциите ќе добие друг инвеститор.
Според изворот, тоа најверојатно ќе биде француската компанија Engie (поранешната GdF Suez), но преговорите со неа уште не се завршени.
Nord Stream 2 (Северен поток 2) е проект за изградба на гасовод со моќност 55 милијарди кубни метри од Русија до Германија во Балтичкото Море.
Се претпоставува дека маршрутата по дното на морето, како и влезната точка во газотранспортната мрежа на Германија во Граифсвалд, ќе е иста како и при првиот Nord Stream, пуштен во 2011 година.
Договорот на акционерите ќе биде правно обврзувачки, освен тоа во него ќе биде утврден распоредот за работа на проектот, вклучувајќи го датумот за почеток на изградбата.
Според изворот на "Коммерсант", "Гаспром" веќе регистрирал во швајцарскиот кантон Цуг проектна компанија под името New European Pipeline AG.
Според податоците од швајцарскиот регистар, компанијата е регистрирана на 20 јули со основен капитал 1 милион швајцарски франци (1,04 милиони долари) и има за цел "планирање, проектирање, развој, управување, работење, одржување и користење на гасоводот, кој транспортира гас од руското крајбрежје до брегот на Германија во Балтичкото Море ".
