Гасот поскапе, виновник - истекувањето на гасоводот Северен тек 1
Цените на холандскиот и британскиот гас пораснаа денеска бидејќи веста за оштетување на гасоводот Северен тек 1 од Русија до Европа ја зголеми загриженоста за безбедноста на енергетската инфраструктура на ЕУ, при што гасот што тече низ гасоводот се чини сè поневеројатно брзо да се обнови.
Цената на гасот за испорака во октомври (фјучерс договори) на холандската берза се зголеми за 11 евра на 184,50 евра за мегават час (MWh) во тргувањето до 09:07 часот по средноевропско време, пренесува Ројтерс.
Во исто време, цената на ноемвриските фјучерси на гас во Холандија скокна за 13,85 евра на 203,10 евра за MWh, додека цената на гасот во Велика Британија за ноемвриска испорака се зголеми за 24 пени на 4,08 фунти по британска топлинска единица (BTU).
Норд стрим АГ, операторот на гасната мрежа Северен тек, објави дека системот на овој гасовод, кој минува од Русија по дното на Балтичкото Море до Европа, претрпел „невидена“ штета и дека е невозможно да се процени кога ќе се санира истата.
Потврда за оштетувањето на „Северен тек 1“ дојде откако претходно беше откриено истекување на блискиот гасовод „Северен тек 2“, што ја натера Данска да го ограничи превозот во радиус од пет наутички милји.
Иако ниту еден од двата гасоводи во моментов не ја снабдува Европа со гас, овие инциденти предизвикаа загриженост за безбедноста на гасната инфраструктура во европскиот блок.
„Истекувањето на гас „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ на три одделни локации не звучат како случајност. Балтичкиот гасовод што ќе испорачува норвешки гас во Полска, преориентиран од руските линии - сето тоа ја зголемува тензијата на пазарот“, рече Том Марзек-Мансер, шеф за анализа на гас во ICIS.
Оштетувањето на руските гасоводи настанало во време кога подоцна денеска треба да биде отворен Балтичкиот гасовод со годишен капацитет од 10 милијарди кубни метри дневно, забележува британската агенција.
Протокот преку гасоводот Јамал-Европа кон Полска од Германија скокна денеска, додека протокот на гас од Русија кон Европа преку Украина остана на непроменето ниво.
