ГАНА ТВРДИ ДЕКА 55 НИВНИ ДРЖАВЈАНИ ЗАГИНАЛЕ ВО УКРАИНА: Ќе преземат мерки затоа што Русија регутира борци
Најмалку 55 државјани на Гана се убиени во војната во Украина, а Русија регрутира борци и во Африка.
Најмалку 55 државјани на Гана се убиени во Украина откако властите на Гана велат дека биле намамени да учествуваат во војната. Министерот за надворешни работи на Гана го објави ова по посетата на Киев, пишува The Guardian.
Во последните месеци, според нив има сè повеќе извештаи за африкански мажи кои се намамени во Русија со лажни ветувања за работа, само за да завршат на украинските боишта, зголемувајќи ги тензиите меѓу Москва и некои африкански земји. Руските власти негираат дека нелегално регрутирале африкански граѓани да се борат во Украина.
Министерот за надворешни работи на Гана, Самуел Окуџето Аблаква, вчера објави на социјалната мрежа X дека од 2022 година, 272 државјани на Гана се вовлечени во војната.
„Се проценува дека 55 од нив се убиени, а двајца се заробени како воени заробеници“, рече Аблаква.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој се обрати пред медиумите заедно со Аблаква во вторникот, изјави дека повеќе од 1.780 Африканци од 36 земји се борат во руската армија.
Гана, која одржува економски и дипломатски односи со Русија, има намера да ја подигне свеста за ова прашање и да се справи со „нелегалните шеми за регрутирање преку темната мрежа што работат во наша јурисдикција“, рече Аблаква.
„Ова не е наша војна и не можеме да дозволиме нашите млади да станат човечки штитови за другите“, истакна тој.
Министерот објави дека владата на Гана ќе го зајакне јавното образование и ќе работи на „мониторинг и разбивање на сите шеми за нелегално регрутирање“.
Тој додаде дека двајцата заробени од нивната земја ги предупредиле младите да не бидат заведени од финансиски понуди за да одат во конфликтот.
Слични случаи низ цела Африка
Владата на Јужна Африка оваа недела објави дека двајца нејзини граѓани загинале на бојното поле. Тие биле дел од група од 17 Јужноафриканци кои биле измамени да се борат за Русија, од кои повеќето оттогаш се репатрирани, соопшти Министерството за надворешни работи.
Дудузила Зума-Самбудла, ќерка на поранешниот претседател Џејкоб Зума, е под полициска истрага во Република Јужна Африка за нејзина наводна вмешаност во регрутирањето на повеќе од десет Јужноафрикански мажи за да одат во Русија.
Според извештајот на кениската разузнавачка служба, повеќе од 1.000 Кенијци биле регрутирани. Министерството за надворешни работи на Кенија објави дека 27 кениски државјани се спасени откако биле приведени во Русија. Кенискиот министер за надворешни работи, Мусалија Мудавади, објави дека планира да ја посети Русија во март за да разговара за ова прашање.
Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година. Деновиве се навршија 4 години од почетокот на војната. Русија бараше од Украина да ги признае како независни Доњецк и Луганск, да се демилитаризира и денацифицира. Потоа ја сменија целта во осободување на Донбас.
