Г-20 троши речиси 4 пати повеќе за фосилни горива, отколку за ОИЕ
Земјите од Г-20 трошат речиси четири пати повеќе средства за промовирање на производството на фосилни горива, отколку за субвенции за обновливи енергетски извори. Ова ги става под прашање преземените обврски за запирање на климатските промени.
„Владите од Г-20 инвестираат речиси 452 милијарди долари годишно за да го помогнат производството на фосилни горива, иако се посветени „да се борат против климатските промени“, пишува во извештајот на организацијата „Overseas Development Institute“ (ODI).
Клубот на 20-те богати и растечките економии потрошиле во просек 78 милијарди долари во форма на директни субвенции и даночни олеснувања во 2013 и 2014 година.
Уште 286 милијарди долари годишно биле инвестирани од државните компании на земјите од Г-20 за производство на нафта, гас и јаглен. Помошта од државните финансиски институции, на пример во форма на банкарски заеми, е 88 милијарди долари.
Во исто време субвенциите за обновлива енергија во 2013 година беа во вредност 121 милијарди долари според податоците на Меѓународната агенција за енергија (International Energy Agency, IEA).
Турција, која ќе биде домаќин на самитот на лидерите на Г-20 во текот на овој викенд, има потрошено во форма на државни субвенции за фосилни горива најмалку 627 милиони долари во 2013 година и уште толку во 2014 година.
Покрај турските државни претпријатија се инвестирало 1 милијарда долари во производството на фосилни горива во земјата, што е дел од стратегијата за брзото ширење на производството на јаглен.
„Тоа е еднакво на владите од Г-20 да им овозможи на производителите на фосилни горива да ги поткопуваат националните обврски за климата, додека им плаќаат за привилегијата“, вели организацијата.
Лидерите на Г-20 ќе се состанат во Турција во текот на викендот, каде на дневен ред ќе биде и темата за климатските промени. Франција ќе биде домаќин на разговорите помеѓу претставниците на речиси 200 нации во периодот 30 ноември - 11 декември, каде што треба да се договорат за планот за ограничување на климатските промени по 2030 година.
Минатата година за време на претседателството на Австралија, лидерите од групата Г-20 се договорија за планот за справување со климатските промени.
Во оваа година Турција, која е членка на НАТО, инсистира светските лидери да разговараат за конфликтите во Сирија и Ирак, кои ја принудија да прифати повеќе од 2 милиони бегалци.
