Франција спречила нови терористички напади
Најмалку шест терористички напади спречиле француските власти од пролетта минатата година, откри министерот за внатрешни работи Бернар Казанов за радио „RTL“, пренесоа агенциите.
Според него уште во 2013 година властите максимално ја активирале дејноста за спротивставување против тероризмот. „Усвоивме бројни решенија и презедовме бројни активности. Од 2013 година деактивиравме 18 мрежи за врбување на целата територија на земјата, растурени се 11 групи, чии учесници се подготвувале за извршување на терористички акти“, изјавил министерот.
Тој предупредил дека терористичката закана во земјата останува и понатаму многу голема. Вчера францускиот претседател Франсоа Оланд отвори спомен плочи пред поранешната редакција на сатиричното списание „Шарли ебдо“, која беше нападната на 7 јануари минатата година од терористи, како и на местото каде што малку по нападот беше убиен полицаец.
Оланд ги отвори спомен плочите и пред еврејскиот супермаркет, каде беше извршен нападот на 9 јануари. Таму друг терорист зеде заложници, при што загинаа четворица Евреи. Вкупно 17 лица загинаа минатиот јануари при нападите во рок од три дена.
